Психодијагностичката процедура претставува постапка со која преку користење на дијагностичко интервју и батерија на психолошки тестови, се проценуваат основните карактеристики на личноста и се утврдува постоење на евентуални психолошки пореметувања.
Лицето се јавува на психолошка процена најчесто на барање на стручно лице (психијатар, невролог или друг специјалист), но понекогаш на психодијагностичка обработка се јавуваат на лична иницијатива, со цел подобро да се запознаат себе си и сопственото функционирање.
Психодијагностичка евалуација можат да прават само психолози и тие се единствени овластени за користење на психолошки инструменти. Психолошката експлорација дава податок за психолошкото, емоционалното и бихевиоралното функционирање на поединецот.
Најчесто вклучува неколку клучни компоненти:
Клиничко интервју: подразбира сеопфатен разговор помеѓу психологот и поединецот. Обезбедува информации за тековната состојба и за историјата на поединецот, вклучувајќи медицински, психолошки и социјални чинители. Може да вклучува и развојна историја, семејни динамики и значајни животни настани. Понекогаш, особено корисно е и добивање на информации од други извори, како што се членови на семејството, наставници или други професионалци, со цел добивање на поцелосна слика за функционирањето на поединецот.
Евалуаторот го набљудува и однесувањето на поединецот за време на проценката, со цел да забележи релевантни однесувања, реакции или интеракции.
Психолошко тестирање: подразбира спроведување на стандаризирани тестови за проценка на различни аспекти на психолошкото функционирање. Најчести области на проценка се:
- Личност: проценува карактеристики на личноста, однесувања и обрасци кои влијаат на тоа како поединецот комуницира со другите и како се справува со различни ситуации.
- Емоционален статус: проценува расположение, емоционални реакции и стратегии за справување.
- Бихевиорален статус: идентификува и оценува специфични однесувања кои можат да бидат проблематични или на кои треба да се посвети внимание.
- Когнитивно функционирање: проценува аспекти како интелигенција, внимание, концентрација, помнење, способности за решавање проблеми и сл., иако наведеното може да се преклопува со невропсихолошко тестирање или со проценка на интелигенција.
Психодијагностичката проценка понекогаш подразбира и користење на прашалници или техники за самоевалуација, кои нудат увид во сопственото психолошко и емоционално функционирање, во изборот на постапки, однесувањето и во искуствата.
Психодијагностичката проценка завршува со изготвување на извештај од страна на психологот и обезбедување на повратни информации на поединецот (и понекогаш на неговото семејство или други вклучени страни). Наведената постапка вклучува резиме на наодите, интерпретација на резултатите и препораки за третман, интервенција или понатамошна проценка ако е потребно.
Основната цел на психолошката евалуација е да се разбере психолошката благосостојба и функционирањето на поединецот. Ваквото разбирање може да помогне во дијагностицирање на здравствената состојба поврзана со менталното здравје, во планирање на третман и во давање поддршка на личниот или на професионалниот развој.
Не сте сигурни каква помош ви е потребна?
Не се колебајте, контактирајте нè.
Стоиме на располагање за вашите прашања.
