Проект: Обуки за проценка на когнитивен и на бихевиорален статус кај деца и млади
Во рамките на овој проект, ќе се спроведат обуки наменети за психолозите од основните и средните училишта од Скопскиот плански регион. Со овој проект, ќе дадеме придонес кон континуираниот професионален развој на училишните психолози, преку јакнење на нивните капацитети и градење компетенции за успешно и навремено препознавање на потешкотии во менталниот развој кај децата и адолесцентите: недостиг на внимание, концентрација и помнење и анксиозно-депресивни состојби.
Потешкотиите во менталниот развој на децата се горлив проблем, а во овие специфични времиња, зачувувањето на менталното здравје е поважно од кога било. Како производ на заедничката соработка меѓу одделението за развој при Бугарската амбасада во Скопје, Центарот за доживотно учење – Скопје и Центарот Когниција, излезе од печат прирачникот за следење на когнитивните и на бихевиоралните промени кај деца и млади.
Проектот се спроведува со поддршка на Амбасадата на Р. Бугарија, во соработка со Центарот за доживотно учење – Скопје. Проектот е во времетраење од две години, а ќе се спроведува во 2021-2022 година.











