Гостување во Приказна, на тема деменција

Што е деменцијата?

Тина Васков: Деменција не е единствен ентитет, подразбира збир на симптоми, но во основа станува збор за прогресивно пропаѓање на когнитивните способности коишто не се дел од нормалното, физиолошко стареење, туку се последица на одреден процес кој се одвива во централниот нервен систем.

Што може да предизвика деменција?

Тина Васков: Повеќе чинители. Вообичаено кога ќе кажеме деменција мислиме на Алцхајмерова болест, на која што отпаѓаат околу 2/3 од сите видови деменции. Причините можат да бидат од дегенеративна природа, како кај Алцхајмерова болест, фронтотемпорална деменција, Паркинсонова болест, меѓутоа може да има и други етиологии. Една од почестите е и васкуларна етиологија, кога се случуваат промени во когнитивните функции и во поведението предизвикани од васкуларни последици, на пример мозочни инфаркти, ако станува збор за поголеми крвни садови. И помалите крвни садови можат да предизвикаат вакви проблеми, доколку имаме повеќегодишен проблем со хипертензија, дијабет и сл., може да доведат до промени во мозочното ткиво, а тоа понатаму да доведе до нарушување на мозочните функции. Исто така причини можат да бидат од метаболна природа, од инфективна природа, од недостаток на Б12. Деменција може да биде предизвикана и од различни тумори. Етиологијата е широка.

Деменцијата ја разликуваме и според локализацијата на промените. Таа може да биде кортикална, кога со пропаѓање се зафатени горните структури, сивата маса и субкортикална, кога се зафатени структурите во белата маса. Кога болеста ќе напредне, таа се шири и ги зафаќа сите структури.

Лечиви и нелечиви деменцији може да биде следна поделба. На пример, со надоместување на витаминот Б12 може да дојде до повлекување на клиничката слика на деменција. Ако е од инфективна етиологија, со надминување на основното заболување се повлекува и клиничката слика на деменција. За жал, тоа се поретки примери.

Кои се симптомите за да се препознае дека се случува деменција?

Тина Васков: Ќе набројам симптоми кои се однесуваат на дегенеративната етиологија бидејќи групата е широка и не би можела да зборувам за сите. Би сакала да ги истакнам дека вообичаено почнува со тешкотии во помнење.  Постојат различни видови помнење, а кога станува збор за дегенеративна етиологија вообичаено станува збор за оштетена способност за помнење на ново научени содржини, на пример нема да знаат дали вчера се напиле лек, а ќе се сетат како биле облечени во прво одделение, на приредба… Се бележат и тешкотии со ново учење (пр. каде ги оставив клучевите, каде го оставив паричникот), тешкотии со именување, се оплакуваат на чувство како да им недостасуваат зборови, речникот им се намалува, манифестираат тешкотии со манипулирање со пари, водење на финансии… Некои од почетните симптоми може да бидат и губење во непознат простор (на пр. го паркираат автомобилот во гаража и не можат потоа да се снајдат…).

Но, пациентите ретко ги добиваме во тој стадиум. Најчесто кога болеста ќе напредне тогаш бараат стручна помош. Сепак, свесноста се менува. Се повеќе семејствата стануваат свесни што значи когнитивно пропаѓање и почнуваат да реагираат порано, во споредба со минатото.

Би сакала да напоменам дека постои и состојба која според клиничката слика е меѓу нормално физиолошко стареење и деменција и се вика лесно когнитивно оштетување. Всушност, ако тогаш дојдат пациентите, тоа е најдобрата варијанта, бидејќи имаме најмногу можност да им помогнеме. Во тој стадиум се случува страдање на една функција, меѓутоа квалитетот на секојдневното живеење не е засегнат. Лицето е функционално, оди на работа, ги извршува вообичаените активности, но забележува тешкотии пр. во помнење. Тоа го загрижува и реагира. Кај солиден процент од овие лица со лесно когнитивно страдање ќе се развие клиничка слика на деменција. Ако доминирале проблеми во помнење најчесто таа слика потоа се развива Алцхајмерова болест. Секој кој чувствува каков било дискретен проблем, сметам дека треба да побара стручна помош.

Како да се справат семејствата кои се соочуваат со членови кои имаат деменција и имаат проблем со лутање?

Тина Васков: Тоа е предизвик и за лицето кое страда и за семејството. Деменцијата го засега целото семејство, пошироката околина. Во Когниција, на пациентите кога ќе дојдат им даваме мали картички, ги советуваме да ги носат секогаш со себе, заедно со клучевите од домот. На таа картичка е запишано име, телефон за контакт и пишува дека лицето има проблем со помнење… ве молам помогнете ми да стигнам на таа и таа адреса. Ова е важно затоа што лицата кои страдаат од деменција се конфузни, дезориентирани, кога ќе се изгубат се исплашени, вознемирени, па и тоа малку знаење што го имаат, ако некој ги сретне нема да успеат соодветно да се искажат.

Има и други алатки кои евентуално можат да потпомогнат, да се грижиме вратата да биде заклучена, ако лицето има тенденција да излегува, тогаш го вадиме клучот, вообичаено не ги оставаме сами дома… Идејата е претходно да се побара стручна помош. Во одредени ситуации има потреба од континуиран надзор, но не секое семејство може тоа да го обезбеди и тогаш се доаѓа до точка кога помислуваме на сместување во центрите за згрижување за стари лица.

Тоа не е единствен проблем со кој се соочуваат. Овие лица имаат честопати проблем со говор. Говорот осиромашува, отежнато ги изразуваат своите потреби. Многу често се повторуваат, членовите на семејството многу пати губат трпение, стануваат нервозни, избувливи… Тоа е тивок, но континуиран стрес. Доколку не се во можност да обезбедат нега од трето лице, често еден член од семејството е 24/7 задолжен за овие лица, така што страда квалитетот на живеење не само на болниот туку и на околината. Болните може да имаат проблем со спиење, ноќе се будат… Во тие ситуации се препорачува да се држат будни во денот колку може повеќе, за да ја користат ноќта за спиење.

Дали деменцијата ги погодува повеќе жените или мажите?

Тина Васков: Кога зборуваме за Алцхајмерова болест, но и генерално, деменцијата повеќе ги засега жените. Долго се веруваше дека тоа е така затоа што жените имаат подолг животен век. Новите студии упатуваат дека веројатно станува збор за естроген, но сеуште се истражува.

Колку се свесни да донесуваат одлуки, како во тој случај да се реагира во смисла на некакви однесувања кои можат да бидат злоупотребени, изманипулирани? Како е решена регулативата кај нас?

Тина Васков: Јас иако сум психолог, некако околностите се такви да честопати знам да отворам закон и да прочитам за оваа проблематика. За жал, луѓето кои страдаат од деменција, со напредување на болеста, нивните потенцијали за расудување стануваат засегнати и оштетени. Доаѓаат до точка каде не можат да донесуваат исправни одлуки за себе, неопходна им е поддршка и континуиран надзор.

Кога ќе се постави дијагноза Алцхајмерова болест или некоја од другите видови деменција, тогаш нашите закони предвидуваат дека може да биде одземена деловната способност. Затоа, уште додека симптомите не се напреднати и лицето може самостојно да проценува, во таа фаза препорачуваме да се донесат легално правни одлуки или одлука за своето идно живеење. Препорачувам самите да донесат одлука, дали сакаат да живеат во домашни услови и кој да се грижи за нив, или во институција, па самите да одлучат каде сакаат да ги поминат годините од своето живеење.

Дали деменцијата се лекува и постојат ли препораки за здраво живеење или нешто што би можело да влијае на стадиумите на деменција?

Тина Васков: За ова за кое зборуваме денес, дегенеративна деменција, лекувањето се состои во делумно подобрување на клиничката слика и во одложување на пропаѓањето. Во основа нема лек кој ќе ја излечи т.е. спречи прогресивната слика на деменцијата, меѓутоа лековите помагаат многу, бидејќи лековите го забавуваат пропаѓањето на способностите, па така не е сеедно дали лицето ќе биде самостојно уште еден месец, или уште 6 месеци или една година… Лекувањето, во напреден стадиум се состои од медикаментозна терапија и соодветна нега на болниот.

Во рана, почетна фаза препорачуваме т.н. когнитивен тренинг. Ние работиме и едукација на колеги за когнитивен тренинг. Во исто време се препорачува да користат физичка активност, таа да биде составен дел од секојдневното живеење, но и даваме препораки за соодветно постапување во домашни услови. Доколку не е напредната болеста се препорачува да решаваат судоку, да играат шах, да комуницираат, да бидат изложени на социјална интеракција, физичка активност како пешачење… Напоменувам, најмногу може да се помогне доколку се појават на почеток или во стадиум на лесно когнитивно нарушување.