Постпородилна депресија не е табу тема

[едукативен материјал за трудници и родилки]

Автори: м-р Тина Васков, Мирјана Дечовска

Издавач: Центар за доживотно учење – Скопје

Наменето за: трудници, родилки

Проект: Постпородилната депресија не е табу тема

Овој материјал има за цел да ги информира трудниците и родилките за ризиците од постпородилната депресија, нејзините симптоми, активностите кои можат да ги преземат за да се справат со неа, како и помошта која можат да ја добијат од семејството и институциите при соочувањето со оваа состојба.

Постпородилната депресија (ППД) е болест за која (тивко) се зборува. Постоењето на стигма кон различните психички нарушувања е општопозната состојба. Депресијата е една од нив. А кога ќе се случи по остварување во мајчинството, многу мајки и членови на нивните семејства чувствуваат срам, страв и збунети се. Досегашниот општествен пристап кон улогата на мајка, негува и дава дозвола најчесто само за среќно мајчинство, што е и една од основните причини зошто мајките чувствуваат вина кога по породувањето ќе се соочат со депресивна криза.

Раѓањето на бебе предизвикува интензивни и мешани емоции, од возбуда и радост, се до страв и вознемиреност. Но исто така, тоа може да резултира и со нешто што можеби не го очекувате — депресија. Еден дел од мајките, особено оние кои по прв пат стануваат родители искусуваат тага по породувањето т.н. «baby blues». Оваа состојба најчесто вклучува варијации во расположение, емоционални промени, плачливост, растревоженост, тешкотии со спиење… Обично се јавува во првите 2 до 3 дена по породувањето и може да трае до две недели.

Но, некои мајки искусуваат посериозна, продолжена форма на депресија, наречена постпородилна депресија (ППД). Може да започне за време на бременоста и да продолжи по породувањето. Ретко, по породувањето може да се развие и екстремен облик на растројство на расположението наречен постпартална психоза. ППД не е слабост, ниту проблем до карактерот на личноста. Понекогаш е едноставно компликација по породувањето.