Невропсихологија

Клиничка невропсихологија

Го проучува односот меѓу човековиот мозок и неговото однесување. И покрај тоа што постојат најразлични компјутерски и технолошки можности за процена на структурата на мозокот, неговата функција многу успешно и oбјективно се проценува со невропсихолошки техники. Преку процена на начинот како го користиме говорот, како и колку успешно го насочуваме и го задржуваме вниманието, преку начинот како учиме, помниме, размислуваме, како ги решаваме проблемите, како ги користиме нашите визуелни и моторни вештини.

Невропсихологот може да ги процени силните и слабите страни на нашето функционирање, но пред сe оштетените функции, степенот на нивното оштетување и можноста за нивна рехабилитација.

Што вклучува невропсихолошката процена

Преку интегрирање на податоците добиени со интервју, индивидуално тестирање и со преглед на медицинските наоди, невропсихологот изготвува профил за когнитивно-бихевиорално функционирање. Добиените резултати се издаваат во писмена форма и се проследени со дополнително појаснување и со дополнителни препораки. Времетраењето на тестирањето варира меѓу 1 и 4 часа, а понекогаш, во зависност од можностите на пациентот, се реализира во неколку наврати.

Целиот процес започнува со интервју во кое се изнесуваат информации за симптомите коишто пациентот ги чувствува, како и податоци од личната и од семејната историја, а поврзани со заболувањето на пациентот. Во интервјуто често се вклучуваат и членови од семејството или лицата кои доаѓаат во придружба, со цел добивање подетални информации од личната и од семејната анамнеза.

Индивидуалното тестирање вклучува процена на когнитивниот статус и на бихевиоралните отстапувања.

Најчесто проценувани функции се:

  • внимание и концентрација;
  • помнење;
  • учење;
  • визуелни и перцептивни способности;
  • говорно-јазични способности;
  • праксија и гнозија;
  • егзекутивни способности;
  • промени во однесувањето;
  • промени во расположението (од депресивна природа, анксиозност...).

Кога треба да се реализира невропсихолошка процена?

Кога постои сомневање за намалено или за оштетено мозочно функционирање од каква било природа. Невропсихологот може да помогне во процена на степенот на оштетување на когнитивните функции или на бихевиоралните отстапувања, во процена на прогресијата на болеста, може да обезбеди значајни диференцијално дијагностички показатели и да ги следи ефектите од одреден третман.

Невропсихолошкото испитување се презема со цел навремено да се дијагностицира, да се лечи и да се рехабилитира пациентот. Во исто време му овозможува на пациентот да се соочи со настанатите промени, му помага полесно да ги прифати, посоодветно да се справува и поефикасно да го планира своето идно живеење/функционирање.